Килијан Мбапе ги заврши репрезентативните обврски со Франција и забележа победи во дуелите против Бразил (2:1) и Колумбија (3:1). Мбапе даде еден гол против Бразил на меч на којшто играше 66 минути, додека на дуелот против Колумбија во игра влезе во последните 13 минути, кога беше решен победникот.
Сега голгетерот повторно треба да се фокусира на обврските на клупско ниво во Реал Мадрид. Мбапе нема дадено гол за Реал вкупно на десет меча, но треба да се потенцира дека пет средби ги пропушти поради повреда на коленото, а на една остана на клупата за резерви, а на две играше само во последните 20-тина минути.
Мбапе едноставно сезонава не е на истото ниво како претходните две години, па тоа наидува на револт кај навивачите на Реал. Французинот е свесен за тоа каков е притисокот да се игра за Реал Мадрид.
„Навивачите на Реал Мадрид се како религија. Луѓето навистина се со многу страст, затоа ми е јасно зошто толку се интересираат за сè што се однесува за мене“, рече Мбапе, кој моментално е цел на критики од фановите. Ова не е првпат Мбапе да биде цел на критики на фановите. Во 2024 година тој имаше слаб придонес, па беше критикуван, но тогаш Французинот возврати на најдобар можен начин, станувајќи најдобар стрелец во шпанската лига и ја освои својата прва Златна копачка на Европа.
„Во Реал Мадрид мора да знаете да се носите со критиките. Тоа го поминале и Кристијано Роналдо и Алфредо ди Стефано. Не гледам зошто јас би бил исклучок. Треба само да се остане смирен, фокусиран и да се продолжи да се работи“, додаде Мбапе.
Французинот ја коментираше ситуацијата и со повредата на коленото и рече дека навивачите на Реал не треба да се грижат за тоа дали ќе игра или ќе се чува за настапот на Светското првенство. „Во Шпанија малку се загрижени дека нема да играм, дека ќе се чувам за Светското првенство, но не е така. Најдобар начин на Мундијалот да бидам во врвна форма е да ги освојам сите трофеи на клупско ниво. Уште сме во игра за титулите во Шпанија и во Лигата на шампионите. Во ЛШ ќе играме против Баерн, кој моментно е во најдобра форма во Европа. Сепак, ако постои некој тим кој може да го победи Баерн, тоа е Реал Мадрид“, оптимистички најавива францускиот голгетер.

