Пари Сен Жермен и Монако одиграа без голови, во меч од 24. коло на француското првенство, а во фокусот на вниманието беше Килијан Мбапе. Монако е клубот каде што Мбапе започна, а потоа направи трансфер во ПСЖ.
На синоќешниот дуел, Мбапе беше стартер, но одигра само едно полувреме, а потоа беше заменет. Коло Муани влезе на местото на Мбапе, а потоа се случи нешто што е несекојдневно во фудбалот.
На полувремето, Мбапе во цивилна облека се појави на атлетската патека, отпоздравуваше кон навивачите на Монако, а потоа наместо да седне на клупата за резерви кај гостите, тој замина на трибината и седна покрај неговата мајка.
https://twitter.com/i/status/1763676770992009220
Многумина овој потег на Мбапе го окарактеризираа како „крај со ПСЖ“. Јасно е дека голгетерот на крајот од сезоната ќе си замине од францускиот првак, а негова следна дестинација ќе биде Реал Мадрид.
По завршување на мечот во Монако, тренерот на ПСЖ, Луис Енрике објаснуваше дека тоа што Мбапе го извадил на полувреме, не е никаква освета.
„Дали е ова казна за Мбапе? И претходно сум зборувал за ова. Порано или подоцна ќе останеме без Мбапе и затоа мора да ја бараме најдобрата опција како замена во нападот. Мора да се навикнеме на ова. Одлуката да го извадам на полувреме е само моја и нема што да дискутираме“, рече Енрике, кој додаде дека не го интересира што направил Мбапе откако бил изваден од игра, односно дека замина на трибините, а не покрај соиграчите на клупата.