Мбапе донесе одлука, најдоцна до идното лето ќе се пресели во Реал Мадрид и никој не може да го запре да го реализира сонот

Сапуницата меѓу Килијан Мбапе и Реал Мадрид не е завршена иако минатата година, францускиот репрезентативец ги изигра Кралевите и го погази дадениот збор, потпишувајќи нов договор со ПСЖ.

Шпанскиот весник „Ас“ денеска објави сензационална вест дека е познато кога Килијан Мбапе ќе го облече Кралскиот дрес. Според весникот, Мбапе на челниците на Реал Мадрид им рекол дека од идното лето сака да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.

Одличниот напаѓач е подготвен да ги замине од ПСЖ уште ова лето, но сè уште е под договор со Светците. Тој минатото лето потпиша нов договор со ПСЖ кој важи до 2025 година, но само во случај Светците да триумфираат во Лигата на шампионите во првите две сезони, во спротивно е слободен да си замине една година порано. Оваа сезона ПСЖ настапот го заврши веќе во осминафиналето каде беше елиминиран од Баерн Минхен, а според „Ас“, Мбапе не е убеден дека екипата може да триумфира идната сезона, што ќе значи негово заминување од францускиот шампион.

Мбапе веќе го известил семејството дека донел конечна одлука и дека нема да успеат да го премислат како што сторија минатото лето. Исто така, планира по завршување на сезоната, да има средба со челниците на ПСЖ на кои ќе им пренесе дека негова конечна одлука е во 2024 година да ја напушти екипата и да се пресели во Реал Мадрид.

„Ас“ исто така пишува дека во Реал Мадрид сè уште му се лути на Мбапе бидејќи ги изигра минатото лето, но нема да ја пропуштат можноста да потпишат со него. Луѓе од управата на Реал кои разговарале со Мбапе, според „Ас“, наводно му рекле дека ова лето нема да повлекуваат никакви потези со цел да издејствуваат трансфер, ќе чекаат фудбалерот да си раскрсти со ПСЖ, по што ќе тргнат по неговиот потпис.

- Оглас -

Најнови вести