Големата ѕвезда на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, е во болница, објави клубот во официјално соопштение.
Францускиот репрезентативец има „акутен гастроентеритис“ (запаление на цревата и желудникот) и е под лекарски надзор. Тој ќе биде подложен на разни тестови во наредните часови, додадоа од Реал.
Мбапе вчера го пропушти натпреварот на Реал против Ал-Хилал на Светското клупско првенство во САД. Следниот меч за Кралскиот клуб е за три дена, на 22 јуни против мексиканска Пачука, а Мбапе ни тогаш нема да биде во состојба да игра.
Мбапе почна да се чувствува лошо по тренингот во понеделникот и оттогаш не само што не можеше да тренира, туку едвај можеше да ја напушти својата соба. Беше целосно изолиран од своите соиграчи. Напредокот на Мбапе не е каков што се очекуваше, Реал Мадрид одлучи да го префрли во болница за понатамошно следење и посоодветни медицински тестови и третман.
Условите во кои се игра Светското првенство, со температира на воздухот од 35 степени и околу 70% влажност, исто така не помагаат во можноста Мбапе брзо да се врати на терен откако ќе закрепне од болеста.