Мбапе ги откри најдобрите соиграчи во кариерата, но жали што не заиграл во ист тим со својот идол

Францускиот фудбалер Килијан Мбапе денеска го слави својот 26-ти роденден, а по тој повод даде интересно интервју за „Беин Спортс“ во кое зборуваше и за своите соиграчи низ кариерата.


Мбапе, кој ова лето дојде во Реал Мадрид, не блесна веднаш на почетокот на својот живот на „Сантијаго Бернабеу“, но во текот на кариерата играше со бројни големи фудбалски имиња.

Кога го прашаа да одбере пет најдобри фудбалери со кои играл, Мбапе ги изостави сите актуелни ѕвезди на Реал Мадрид со кои денес ја дели соблекувалната.

„Играв со одлични играчи како Лионел Меси, Нејмар, Антоан Гризман, Пол Погба и Карим Бензема“, наведе Мбапе.

Тој истакна дека жали што никогаш не играл со својот фудбалски идол Кристијано Роналдо и е свесен дека тоа ќе биде многу тешко да се случи.

„Би било интересно да играм со Кристијано Роналдо, но сега тоа ќе биде многу тешко. Имав среќа да играм против него, тој е легенда на овој спорт“, додаде Мбапе.

Французинот откри и дека Реал Мадрид е единствениот клуб на светот заради кој би го напуштил Пари Сен Жермен.

„Трансферот во најголемиот клуб на светот беше единствениот клуб во кој би заминал од ПСЖ. Ако не можев да прејдам во Реал, засекогаш ќе останев во ПСЖ“, изјави францускиот фудбалер.

- Оглас -

Најнови вести