Во Пари Сен Жермен се убедени дека Килијан Мбапе има некаков договор со Реал Мадрид за да оди таму во летото 2024 година како слободен играч, а тоа е многу неповолна ситуација за клубот, како на спортски, уште повеќе и на финансиски план.
Во ПСЖ велат дека нема шанса да го пуштат Мбапе да си оди како слободен, но не може да најдат клуб кој би платил за него, а и самиот фудбалер да прифати да игра таму. Мбапе прифаќа заминување само во Реал Мадрид, но Кралскиот клуб засега не испраќа никаква понуда, чекаат сигнал од челниците на ПСЖ, кои се заканија дека ако Мбапе остане кај нив без нов договор, цела сезона ќе биде на трибините или на клупа, а не и на терен.
Мбапе тешко дека може да си дозволи да не игра цела сезона, кога следното лето има Европско првенство и Олимписки игри во неговиот Париз. Но, тој одбива нов договор со Светците, ја одбил и најновата понуда, за договор со клаузула дека во 2024 година може да биде продаден по цена која тој сам ќе ја одреди.