Ако денеска завршеше Светското првенство во Катар, Златната копачка за најдобар стрелец на првенството ќе ја добиеше Лионел Меси, иако тој и Килијан Мбапе се изедначени по бројот на голови, со по пет на Мундијалот.
Меси и Мбапе се фаворити за наградата, а може да бидат загрозени од Оливие Жиру и Хулијан Алварес, коишто имаат по четири погодоци, но немаат асистенции. Може да изненади и некој друг поединец од финалето или мечот за трето место, но за тоа веројатноста е помала, а во моментов лидер во трката е Меси затоа што има една асистенција повеќе од Мбапе.
Според критериумите на ФИФА, ако повеќе играчи имаат ист број голови, за прв стрелец се прогласува тој што има најмногу асистенции, а ако се израмнети и според асистенции, тогаш предност добива тој со помалку одиграни минути.
Инаку, за тие што пред првенството се обложиле во Sport Life кој ќе биде прв стрелец, информација дека тука во водство е Килијан Мбапе, бидејќи како втор критериум после постигнати голови се смета кој прв стигнал до бројот на голови, а Мбапе пред Меси дојде до „петката“ која ја имаат двајцата во моментов.