Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, денеска соопшти дека единствена опција за следната сезона му е да остане на „Паркот на принцовите“.
Мбапе се огласи откако изминатите два дена медиумите пишуваа дека тој ќе биде ѕвездата на летниот преоден рок и дека ќе се пресели во Реал Мадрид. Сè започна со веста дека Мбапе ги известил челниците на ПСЖ дека нема намера да го продолжи договорот со ПСЖ и дека ќе си замине од екипата во 2024 година.
Тој потег на напаѓачот наводно не им се допаднал на челниците на тимот, кои му порачале дека ќе го продадат ова лето за идната година да не останат со празни раце.
„Во овој момент имам само една опција, а таа е да останам во ПСЖ. Планирам да бидам тука кога ќе започне новата сезона. Не знаев дека писмо може некого да убие. Тоа е само писмо и гајле ми е за реакциите“, изјави Мбапе.
По оваа изјава на Мбапе се очекува нова реакција на челниците на ПСЖ, кои сигурно не се најсреќни по зборовите на фудбалерот.