Капитенот на Франција, Килијан Мбапе (25), многу веројатно ќе биде достапен за вториот натпревар во групата на Европското првенство против Холандија откако го скрши носот во победа од 1-0 над Австрија.
Напаѓачот беше повреден во судир со Кевин Дансо од Австрија, а потоа се обрати на социјалните мрежи за помош од фановите во пронаоѓање на соодветна заштитна маска со која ќе може да настапува во продолжението од шампионатот.
Очигледно дека изборот е направен, Мбапе ќе игра со заштитна маска во боите на француското знаме.
„Сè оди во правилна насока со Мбапе по ова шокантно искуство што го имаше. Вчера, како што видовте, можеше да тренира и да изведе некои активности, исто е и денеска, па се надевам дека ќе ми биде достапен утре. Килијан Мбапе ќе носи маска, а не можам да ви кажам нешто повеќе околу деталите на оваа маска“, изјави селекторот на Франција, Дидие Дешан.