Само еден ден откако Ал-Хилал понуди неверојатни милијарда евра (300 милиони отштета и 700 милиони за една година) за трансфер на Килијан Мбапе, францускиот репрезентативец ја одбил понудата.
Шпанскиот портал Релево, објави дека Мбапе ја одбил понудата бидејќи нема намера да игра во Саудиска Арабија, иако за една сезона би добил 700 милиони евра и е подготвен цела сезона да ја преседи на клупата на ПСЖ.
„Ако мора цела сезона да ја преседи на клупата, Килијан ќе остане во ПСЖ, подготвен е и за таква одлука на управата. Но, прашање е до кога би седел на клупа бидејќи наскоро започнува Лигата на шампионите, а тоа е главната цел на ПСЖ. Ако победуваат се ќе биде ОК, но ако почнат да бележат лоши резултати, а имаат таков играч на клупата, какво ќе им биде објаснувањето“, изјави за Релево, извор близок до фудбалерот.
Војната на релација Мбапе – ПСЖ, започна веднаш по завршување на минатата сезона кога напаѓачот јавно изјави дека следната сезона ќе му биде последна во францускиот тим и во 2024 година ќе си замине како слободен играч. Тоа не му се допадна на емирот на Катар кој е сопственик на ПСЖ и преку претседателот на клубот, Насер Ал-Келаифи, му постави ултиматум на Мбапе, или ќе потпише нов договор или ќе биде продаден.
Во ПСЖ се убедени дека Мбапе веќе договорил сè со Реал Мадрид и од 2024 година ќе се пресели во „Сантијаго Бернабеу“. Шпанските медиуми открија дека Мбапе треба да има годишна нето плата од 30 милиони евра, а само за потпис на договорот со Реал Мадрид, ќе добие бонус од 130 милиони евра.