Францускиот голгетер Килијан Мбапе постигна два гола во победата на Украина (4:0) и Галските петли обезбедија пласман на Светското првенство во 2026 година. Со овие два погодоци Мбапе стигна до 400 погодоци во кариерата и тоа го направи на 26 години и 328 дена.
Ако се направи споредба со темпото на постигнување погодоци на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, Французинот Мбапе е пред нив. Меси до 400 погодоци стигна на 27 години и 95 дена, а Роналдо имаше 28 години и 335 дена кога се израдува на 400-тиот погодок во кариерата.
Мбапе кариерата ја почна во Монако, каде што постигна 27 гола, а потоа следуваа ПСЖ (256 голови), Реал Мадрид (62 голови) и француската репрезентација (55 голови). На Мбапе му фалат само уште два гола за да го стигне рекордот на Оливие Жиру по бројот на погодоци во националната селекција.
Французинот го намали значењето на бројот, осврнувајќи се на еден од своите идоли, Кристијано Роналдо.
„Бројката од 400 не импресионира луѓе, ако сакате да бидете во тој круг што импресионира, мора да постигнете уште 400. Да го достигнат Кристијано Роналдо и да дадам 1.000 гола? Нереално е, но ќе се обидам да го постигнам нереалното. Морам да се обидам, имаме само една кариера“, рече Мбапе по победата над Украина.

