Мбапе: Многу ноќи сонував како играм за Реал, ќе играм каде што ќе каже шефот!

На прес-конференцијата по претставувањето како нов играч на Реал Мадрид, Килијан Мбапе зборуваше на течен шпански јазик и рече дека доаѓа со понизност, знаејќи дека не зависи од него на која позиција ќе игра, а нема никаков проблем и со тоа што не го доби омилениот број на дресот, 10-ката.

„Поминав бескрајни ноќи сонувајќи за еден ден да играм за Реал Мадрид. Денеска сум едно среќно момче. Моето семејство е среќно, ја видов мајка ми како плаче. Ова е неверојатен ден за мене, ми значи многу. Сакав да бидам природен, најдобро е да уживам во мојот сон“, рече Мбапе за чувството да се биде дел од најголемиот клуб на светот за којшто навивал уште како дете.

„Моите цели не се разликуваат од оние на клубот, сакам да освојувам титули. Клубот го правеше тоа и без мене, се надевам дека ќе го прави и со мене. Ова е најдобриот клуб во светот. Реал Мадрид секогаш е фаворит за освојување на Лигата на шампионите“, вели Мбапе.

„Спиев само час и половина. Се разбудив со голем притисок. Сакам луѓето да сфатат што значи за мене да бидам овде. Немам зборови. Што се однесува до турнејата, ќе видиме и со тренерот и со клубот. Ако сакаат да одам, ќе одам, ако не, не. Шпанскиот јазик почнав да го учам на училиште. Не бев најдобар на училиште, но шпанскиот ми одеше. Мојот сон беше да играм за Мадрид и знаев дека јазикот е важен. Знам дека зборувањето шпански ќе ми помогне да се прилагодам. Имав и тренери како Луис Енрике или Покетино, кои зборуваа шпански. Во Реал имаме број 10, тоа е Лука Модриќ. Горд сум што сум блиску до него во соблекувалната. Бројката на дресот не ми е најважна. Сеедно е дали е 9 или 48. Она што сакам е брзо да се прилагодам и да освојам што повеќе титули“, раскажа, меѓу другото, Мбапе.

Мбапе може да игра и како крило и како централен напаѓач и не мисли дека ќе има проблем со Винисиус или Родриго.

„Винисиус е одличен играч и многу сум среќен што ќе играм со него. Исто така со Родриго и со сите други. Големите играчи се создадени да играат заедно. Нема да имам проблеми да играм со Винисиус. Французите и Винисиус ми праќаа пораки „дојди во Мадрид, ајде заедно да даваме голови“. Не ми требаа тие пораки за да знам дека тоа е најдобриот тим на светот, но задоволство е да се чувствуваш сакан“, вели Французинот, кој уште не знае дали ќе треба да оди на операција на носот.

Мбапе беше прашан и дали во некој момент помислил дека никогаш нема да заигра за Реал Мадрид?

„Не, бев сигурен дека ќе дојде време. Имаше многу понуди од други клубови, но секогаш го кажував истото по заминувањето од Париз, ќе одам само во Мадрид. Во мојата глава беше јасно. Тоа беше мојот сон. Многу работи можат да се случат во фудбалот, но ова ми беше јасно. Зборував со тренерот утрово во Валдебебас, но ништо тактички, се шегувавме. Ќе играм на позиција на којашто ќе сака тренерот. Можам да играм на трите позиции напред. Сакам да бидам на терен, не ми е гајле каде“, изјави Мбапе.

- Оглас -

Најнови вести