Мбапе: Немам што да кријам, никого не сум убил

Килијан Мбапе одигра уште еден меч за памтење во дресот на Пари Сен Жермен. Францускиот репрезентативец даде два гола, а асистираше три пати и тоа два пати на Нејмар и еднаш на Лионел Меси, во убедливата победа на Светците од 5:1 против Лориен. Тоа е прв пат Мбапе во еден меч директно да учествува во постигнувањето на пет погодоци.

Откако Меси дојде во ПСЖ, ова е прв пат Меси, Нејмар, Мбапе да постигнат гол сите тројца на ист натпревар, а Килијан најави дека не е сигурно дека тој ќе си замине од „Паркот на принцовите“ на крајот од сезоната.

„Уште ја немам донесено конечната одлука. Ако имам решено, сигурно дека ќе кажам. Немам зошто да кријам, па не сум убил никого за да кријам. Само сакам да ја донесам најдобрата можна одлука за мене. Затоа уште се мислам. Постојат нови моменти, нови параметри и ми треба време да размислам. Дали може да се случи да останам во ПСЖ? Секако дека и тоа е можно“, рече Мбапе.

- Оглас -

Најнови вести