Капитенот на францускаѕта фудбалска репрезентација Килијан Мбапе е на само еден гол од израмнување на рекордот на Оливие Жиру кој е најдобар стрелец во историјата на Галските петли со 57 погодоци. Мбапе има само 27 години и јасно е дека тој ќе доминира уште неколку години и ќе постави рекорд кој ќе биде тешко достижен во брзо време за некој француски репрезентативец, барем кога се работи за бројот на постигнати погодоци.
Мбапе пред осум години како тинејџер ја предводеше Франција до освојување на светската титула во финалето во Москва, а со погодокците во финалето против Хрватска, стана вториот најмлад фудбалер кој дал гол во едно финале на СП, веднаш зад легендарниот Пеле.
И во 2022 година на Мундијалот во Катар, Мбапе ја предводеше Франција до финалето, но тогаш по многу драма и по изведување на пенали загубија од Аргентина. Сега, Франција и Мбапе се подготовени за трет предизвик на планетарните собири. Галските петли сигурно се меѓу фаворитите за златото.
Во големо интервју дадено неодамна, Мбапе откри дека размислувал дури и да се откаже од играњето за Франција. Тоа било по Европското првенство во 2021 година кога Мбапе не постигна ниту еден гол, а промаши клучен пенал против Швајцарија по што Франција испадна.
„Сакав да ја напуштам репрезентацијата. Сфатив дека Франција ја ставив многу многу високо на моите приоритети, но кога промашив еден пенал, многу луѓе почнаа да ме навредуваат и да ме нарекуваат мајмун. и тогаш се запрашав дали вреди за тие луѓе да играм и да се борам на теренот. Не можам да играм за оние кои ме нарекуваат мајмун“, открива Мбапе.
Голгетерот додава дека тоа бил многу тежок период за него. „Тие денови бев како жив мртовец. Паднав од многу високо, затоа што на првиот голем турнир со Франција, а тоа беше СП 2018 стигнав до златото и станав нациоанлен херој, а бев многу млад. Потоа, на следниот голем турнир добив силен удар и тоа беше тешко да се издржи. Бев кај претседателот на Федерацијата и му реков дека веќе не сакам да играм за Франција. Тој ми рече „зарем стварно мислиш дека така ќе те пуштам да излезеш од тука“. Потоа размислив и ја сменив одлуката“, раскажува Мбапе за своето непријатно искуство во националниот тим на Франција.

