Мбапе откри кој му е најважен погодок во кариерата и кој е најубавиот погодок што некогаш го видел

Француското првенство нема да се доигра откако властите во оваа земја решија дека нема услови да се доиграат преостанатите 10-тина кола. Засега не се знае дали Пари Сен Жермен како актуелен лидер ќе биде прогласен за шампион или едноставно сезоната ќе биде поништена.

Во време кога фудбалот мирува, најдобриот фудбалер во Франција, Килијан Мбапе, се осврна на досегашната негова кариера. Иако има само 21 година, Мбапе има завидна кариера и веќе се радувал на три титули во домашното првенство, како и шампионскиот пехар од Светското првенство во Русија во 2018 година.

Мбапе веќе има постигнато над 100 погодоци, а запрашан за тоа кој е неговиот најмил гол, Французинот немаше дилеми. Тој го посочи погодокот кој го даде во финалето на Светското првенство, кога Франција со 4:2 ја победи Хрватска и се искачи на планетарниот трон.

„Тоа беше мојот најважен гол во кариерата. Да се избере најдобриот е тешко бидејќи имам дадено многу убави погодоци. Во мојата глава секогаш стои тој кој е најважен, а тоа е голот даден против Хрватска во финалето на СП“, вели Мбапе, кој додаде дека најубавиот гол кој некогаш го видел е тој на Кристијано Роналдо, кога со „ножички“ го матираше Џанлуиџи Буфон на дуелот Јувентус – Реал Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести