Новата суперѕвезда на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, го даде и првото интервју за клупската телевизија „Лос Бланкос“. Мбапе пред три дена имаше спектакуларно преставување на „Сантијаго Бернабеу“ пред повеќе од 80.000 гледачи.
„Тоа беше голем ден за мене. Вистина е дека многу размислував за тој ден. Многу мисли ми поминаа низ главата, а на крајот излезе многу поубаво отколку што очекував. Го остварив мојот сон, а тоа е да го носам дресот на Реал Мадрид. Едвај чекам да заиграм со моите нови соиграчи. Ги познавам соиграчите од француската репрезентација, а сум имал контакт и со Бразилците Винисиус и Родриго, како и голманот Куртоа. Познавам и некои други играчи. Сите тие ми рекоа дека доаѓам во најдобриот тим во светот и дека ќе бидам среќен тука“, вели Мбапе.
Францускиот голгетер рече дека без проблем ќе прифати да игра на позиција на која тренерот Анчелоти ќе го постави.
„Јас сум фудбалер кој може да игра на сите три позиции во нападот и играч кој може да постигне многу голови и да има многу асистенции. Имам многу цели зацртано со Реал Мадрид, но прво треба да се прилагодам на екипата. Откако ќе се адаптирам, останатите работи ќе си дојдат сами“, заврши Мбапе.