Напаѓачот на ПСЖ и на француската репрезентација, Килијан Мбапе, се огласи во јавноста и рече дека сè уште не донел конечна одлука за својата иднина.
Договорот на Мбапе со ПСЖ истекува на крајот од сезоната и од први јануари тој е слободен да преговара за заинтересираните екипи, додека медиумите со месеци шпекулираат дека ќе се пресели во Реал Мадрид.
Мбапе пред почетокот на сезоната ги извести челниците на францускиот тим дека нема да ја искористи опцијата да го продолжи договорот на уште една година, туку налето ќе ја донесе одлуката што да прави со својата кариера.
„Пред сè, јас сум многу, многу мотивиран сезонава. Ова е важна сезона за нас, имаме трофеи кои мораме да ги исвоиме. Сè уште не сум донел одлука за својата иднина. Но, во договорот што го постигнав со претседателот Ал-Келаифи пред почетокот на сезоната, не е важно што ќе одлучам. Најважно е да ја завршиме сезоната на најдобар начин“, изјави Мбапе на прашањето за неговата иднина кое му беше поставено по вчерашната победа од 2:0 над Тулуз во францускиот Суперкуп.
За шпанските медиуми оваа изјава на Мбапе не е ништо ново бидејќи слично зборуваше и изминатите години, кога речиси сите беа убедени дека се договорил со Реал Мадрид, но на крајот одлучи да остане во ПСЖ.