Светот останува на помладите, така е и во фудбалот, каде почнаа да паѓаат рекорди кои ги поставувале легендите.
Вчера, Килијан Мбапе со својот 59-ти гол за Реал Мадрид во оваа година, го израмни рекордот на Кристијано Роналдо поставен во 2013 година. Додуша Роналдо таа година одигра 50 мечеви, а Мбапе 61, но ќе се памети дека го делат рекордот на Кралскиот клуб.
„Денес е посебен ден, роденден ми е. Секогаш велев дека уште од детството сонував да играм на професионален фудбалски натпревар на мојот роденден. Целта беше да ја завршиме годината со победа. Неверојатно е да се постигнат 59 гола за Реал Мадрид за една година, да се израмни достигнувањето на мојот идол, најдобриот играч во историјата на Реал Мадрид… Мојата прослава е посветена нему. Сакав да го поздравам бидејќи отсекогаш бил љубезен кон мене, ми помогна да се адаптирам и одлично е што сега му помагам на Реал Мадрид да победува“, изјави синоќа Мбапе.
Во Премиер лигата не падна рекорд на Роналдо, но Португалецот е надминат од Ерлинг Халанд. Норвежанецот со вчерашните два погодоци, го искачи својот број на голови во Премиер лигата на 104.
Ова значи дека Халанд го надмина Роналдо кој во дресот на Манчестер јунајтед даде 103 гола и тоа на Халанд му беа потребни дури 122 натпревари помалку за да го постигне ова достигнување (114 наспроти 236).

