Дербито на денот во Лига на шампиони е меѓу Реал Мадрид и Јувентус на „Сантијаго Бернабеу“, а улогата на фаворит ја има мадридскиот тим. Кралевите играат одлично сезонава. Први се во шпанското првенство, за разлика од Јувентус кој игра променливо и моментално е на седмото место во Серија А.
Главен адут во играта на Реал е Килијан Мбапе. Францускиот напаѓач игра во одлична форма и досега постигна дури 15 голови сезонава во сите натпреварувања. Интересно е дека целиот тим на Јувентус сезонава вкупно има постигнато 15 погодоци, односно колку што сам даде Мбапе.
Мбапе постигна гол во секој од неговите последни 11 настапи за тимот на Реал Мадрид, што е најдобрата серија во целата негова фудбалска кариера. Тој постигна и три гола за француската репрезентација оваа сезона, а последниот пат кога не успеа да ја пронајде мрежата, земајќи ги предвид клубот и репрезентацијата, беше на 30 август против Мајорка.
Од друга страна, Јувентус постигна девет пати во седум натпревари од Серија А и шест пати во два натпревари од Лигата на шампионите.
Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, го пофали Мбапе за време на прес-конференцијата пред натпреварот во вторникот, но инсистираше дека неговата важност за тимот оди подалеку од бројот на голови што ги постигнал досега.
Играчот од средниот ред на Јувентус, Хефрен Турам, додаде дека Мбапе е моментално најдобриот играч во светот, заедно со неговиот колега француски репрезентативец Усман Дембеле, актуелниот освојувач на Златната топка.