Францускиот шампион ПСЖ загуби со 0:1 од Баерн Минхен во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, но Килијан Мбапе верува дека неговиот тим ќе слави во реваншот и ќе ја продолжи борбата за титулата во елитното натпреварување.
Мбапе натпреварот го започна од клупата за резервни играчи бидејќи не играше изминатиот период поради повреда, но со неговото влегување во игра, Светците беа подобар тим на „Паркот на принцевите“.
Напаѓачот постигна два гола кои беа поништени поради офсајд, а по натпреварот изјави дека во реваншот во Минхен ќе биде сосема друга приказна бидејќи тој ќе игра од првата минута.
„Способни сме да им се заканиме и да одиме во Минхен за да се обидеме да обезбедиме пласман понатаму. За да се оствари тоа, потребно е сите да бидеме здрави. Според тоа што го видов вечерва, сè уште имаме доволно простор да им се заканиме во реваншот“, изјави Мбапе по натпреварот.
Реваншот ќе се игра на 8 март на „Алијанц арената“, а ПСЖ ќе мора да игра против традицијата која вели дека никогаш не поминал во нокаут-фазата во ЛШ откако загубил на домашен терен во првиот натпревар.