Капитенот на француската репрезентација Килијан Мбапе јавно зборуваше за тоа дека на фудбалерите им е потребно повеќе време за одмор, затоа што се принудени да играат по 60 и повеќе натпревари во текот на една сезона. Кбапе во минатата сезона одигра дури 65 натпревари за Реал Мадрид, а сезоната му заврши на 9 јули на Светското клупско првенство во САД.
„Дали играме премногу? Не мислам така. Порано мислев така, но сега не. Се обидувам да ги разберам луѓето што гледаат на телевизија, знаат колку пари заработуваме и сакаат да играме повеќе. Тоа е дебата што никогаш нема да се реши. Заработувате многу пари, па затоа мора да играте“, рече голгетерот на француската репрезентација.
Мбапе сепак потенцираше дека фудбалерите мора да се одморат.
„Ќе продолжи да се зборува за тоа и ништо нема да се промени. Да, можеме да играме толку многу, но ни треба и повеќе одмор. Нема шанси, телото треба да се опорави пред повторно да биде ставено на тест. Во јули игравме четвртфиналето на Светското клупско првенство, а другите тимови веќе имаа одмор. Наречете ме луд, но ова е проблем. Не сакам да се доведам во ситуација да треба да пропуштам натпревар во ноември, на пример. Никој не го сака тоа. Го сакаме фудбалот и затоа тоа е наша професија“, додаде Мбапе.
Франција вечерва гостува кај Украина во меч од квалификаците за пласман на Светското првенство во 2026 година. Дуелот ќе се игра на неутрален терен во Вроцлав, Полска.