Меч без калкулации што ветува многу голови – Спортинг никогаш не победил во Турција, Јалчин чека прв европски триумф со Бешикташ

Бешикташ и Спортинг Лисабон најавуваат беспоштедна битка за првите бодови во новиот циклус во Лигата на шампионите и се очекува меч без калкулации на „Водафон арената“ во Истанбул од 18.45 часот денеска.

Лавовите од Лисабон никогаш не победиле турски тим во еврокуповите како гости и се надеваат на сефте вечерва против турскиот првак.

„Ова е клучниот меч за нас. Малку екипи во историјата на Лигата на шампионите успеале да играат во следна фаза со три порази. Тоа значи дека не смееме да загубиме, а во ваква ситуација ни одговара само победа во Истанбул“, изјави Рубен Аморим, тренерот на Спортинг.

Португалскиот гигант конечно, по речиси две децении освои шампионска титула во домашното првенство лани, но почна неславно во Лигата на шампионите со порази од Ајакс дома со 1:5 и против Борусија во Дортмунд со 0:1.

Без бодови по два меча е и Бешикташ, па и домаќините не можат да калкулираат. Ајакс и Борусија Дортмунд веќе имаат по две победи и за подвиг на турскиот тим во трката за првите две места во Ц групата императив е победата денеска.

„Имавме доста проблеми со повреди на играчите, но сега се враќаат тројца од нив, па имаме план како да се победи Спортинг. Сепак, ова е елитно натпреварување и, пред сè, треба да уживаме со што полесно ќе дојдеме до трите бода“, вели Серген Јалчин.

Тој лани успеа да го предводи Бешикташ до 23-та титула во Турција, но сè уште го чека првиот бод, или бодови во Лигата на шампионите.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести