Четирикратниот светски првак Италија е фаворит за деби-победа во Лигата на нациите против Полска, вечерва на „Ренато Далара“ во Болоња, во премиерниот меч за двете селекции во новоформираното натпреварување. И Италија и Полска се во најсилниот Сегмент А, па ќе бијат битка за првото место во третата група.
Ова е прв официјален меч на „аѕурите“ и Полјаците по цела 21 година, а на 30-ти април 1997 година во Неапол, Италија славеше со 3-0. Оттогаш имаат играно само пријателски натпревари, и тоа два, со по една гостинска победа на двете селекции.
И што е интересно, ова ќе биде премиера и за двајцата селектори, Манчини кај Италија и Брзечек кај Полска. Италијанците го сменија селекторот Вентура по неуспехот во бараж-двомечот со Шведска и Лигата на нациите им е шанса за рехабилитација по неуспехот да се изборат за пласман на Мундијалот во Русија. И Полјаците имаа многу мотиви за да ја заборават неуспешната авантура во Русија, кога го имаа епитетот можно изненадување за висок пласман, а завршија како последнопласирани на табелата во Групата Х во конкуренција на Колумбија, Јапонија и Сенегал.
Сметката ја плати Адам Навалка, кој беше сменет од селекторската позиција, па на негово место Полјаците ќе ги предводи Брзечек. Интересно е што ова може да се прогласи и за дуел на играчи од Серија А. Италија има дузина фудбалери од клубови од Калчото, а и Полјаците не заостануваат многу, дури со 8 репрезентативци кои настапуваат во најсилната италијанска лига.
Кај Италија по една година пауза, во составот се врати Џорџо Кјелини, а Роберто Манчини одлучи на поширокиот список да пријави дури пет дебитанти. Алесио Крањо и Николо Барела од Калјари, Мануел Лацари од СПАЛ, Кристијано Бираги од Фиорентина и „везистот“ на Рома, Николо Заниоло, се за првпат во селекцијата на „аѕурите“.
Нашите обложувалници за овој дуел нудат 521 различни игри, а основните коефициенти се интересни. Италија е фаворит за победа со квота 1.70, ремито вреди 3.40, а триумф на Полска е со одличен коефициент од 5.50.