Меч на годината за МЗТ Скопје, ќе се врати ли во АБА преку Задар?

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром од 17 часот му гостуваат на хрватски Задар во првиот натпревар од баражот за влез во АБА лигата, во кој ќе бркаат „брејк“ кој ширум би им ги отворил вратите за враќање во елитното јадранско друштво. Баражот се игра во две добиени, па затоа триумф на гости би бил огромен чекор пред средбата во „Јане Сандански“.

Јасно е дека ова е можеби клучниот меч сезонава. Посакуваат сценарио како во полуфиналниот дуел од АБА 2 лигата со Спарс, кога веднаш го изненадија противникот и веднаш потоа „брејкот“ го потврдија на домашен терен. Овој пат задачата ќе им биде многу потешка, со оглед на тоа што на другата страна ќе биде искусен тим со многу квалитетни поединци кој сезоната ја заврши на претпоследното место во АБА.

„Задар е одлична екипа со квалитетни поединци, кои имаат големо искуство. Натпреварот ни доаѓа во незгоден момент, по период на средби според НБА-ритам, но верувам дека сите во мојот тим ја знаат важноста на овој дуел и дека ќе дадат и повеќе од максимум како во нападот така и во одбраната. Само со таков борбен пристап ќе може да се надеваме на позитивен исход на гостувањето кај тим каков што е Задар“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

Тренер на Задар е Анте Назор, кој во 2017 година ја освои шампионската титула како предводник на МЗТ.

„МЗТ Скопје е тим во кој има десет одлични кошаркари, одлично пополнет на секоја позиција. Го ценам Дамјан Стојановски, но и неговата замена Симоновски, Медфорд и Магдевски се одлични во организацијата, а не треба да се трошат зборови за Самарџиски и за Иванов. Свесен сум дека нема да ни биде лесно“, изјави Назор.

МЗТ има само една победа во досегашните шест гостувања во Задар и тоа во првата пресметка во АБА во ноември 2012 година. Мечот ќе биде пренесуван на третиот канал на Арена спорт телевизијата.

Денеска се игра и третиот меч од финалето на АБА-лигата. Црвена ѕвезда може да обезбеди титула ако победи во Подгорица против Будуќност и со тоа да се врати во Евролигата.

- Оглас -

Најнови вести