Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот ќе игра против Украина во меч од второто коло на квалификациите за Европското првенство 2024 година. Македонија има три бода по победата дома над Малта со 2:1, а Украина е без бодови откако загуби на гости од Англија со 0:2.
Ова е една од потешките групи во квалификациите за ЕП затоа што тука е и Италија, која е актуелен европски владетел. На завршницата на континенталниот собир ќе се пласираат двете првопласирани од секоја група. Тоа ќе биде невозможна мисија за Македонија ако се знае дека Англија и Италија се големи фаворити за првите две места, а според квалитетот и рејтингот, пред нас е и Украина.
Сепак, ако Македонија сака да се надева на чудо и да не бидат срушени сите надежи само по две кола од квалификациите, вечерва мора да ја победиме Украина. Тоа воопшто нема да биде лесно, но ако не атакуваме на победа дома против Украина, тогаш што ќе биде во дуелите со Англија и Италија кои претстојат.
Затоа денеска очекуваме победа и шест бода од две кола за Македонија во квалификациите.