Методија Спасовски е единствениот македонски фудбалер што играл против легендарниот фудбалски ас Пеле, кој почина вечерва на 82-годишна возраст, а и двајцата беа стрелци на пријателскиот меч игран во 1968 година.
Вечерва светот на спортот се простува од бразилската и светска легенда, а убаво е како потсетување да се истакне подвигот на Мето Спасовски.
На 17 декември се играше меч од пријателски карактер меѓу Бразил и Југославија на култната „Маракана“ пред 150 илјади гледачи, а македонскиот ас рано, во седмата минута ја затресе мрежата на Кариоките.
Со голот на Спасовски, Југославија поведе со 1:0 и на крај успеа да ремизира 3:3 со тогаш најсилната фудбалска репрезентација на светот.
Пеле исто така беше стрелец на гол, во 60-тата минута и во тој момент за 2:2. Карлос Алберто израмни на 1:1 во 39-тата минута, Драган Џајиќ пак ѝ донесе предност на Југославија со погодок во 48-мата минута, па Пеле израмни на 2:2.
Во 66-тата минута Бразил направи комплетен пресврт со голот на Баба за 3:2, а пак израмни Јосип Букал за конечни 3:3 во 90-тата минута.