Меч за злато – Душебаев и искуството на шампионите против челичната одбрана на Хрватска

Алекс Душебаев е главниот адут на Шпанија за одбрана на златото во финалниот меч на ЕП 2020 против Хрватска, вели најдобриот играч на популарните Каубои, Домагој Дувњак.

„Тој е нивната сила и во одбраната и во нападот. Не смеете ниту за момент да ја спуштите топката на подот, бидејќи е многу вешт и брз и нивната дефанзива за час се претвара во формација 3-3. Тие се актуелни европски прваци, но ние сме подготвени да ја искористиме историската шанса за прво злато на Европските првенства“, вели Дувњак.

Средниот бек на Хрватите игра феноменално на турнирот и е главна алка и во нападот и во одбраната, која е челична и прими најмалку голови во двете групни фази на турнирот, а продолжи во ист стил и во полуфиналето.

Хрватите и Шпанците веќе играа меѓусебе на шампионатот и ремизираа 22:22 во многу интересен меч. Шпанците водеа со 20:14 во второто полувреме, но не се снајдоа најдобро со хрватската одбрана во формација 5-1 и на крајот дури и се спасуваа од пораз со последен гол за нерешено, 22:22.

Шпанија е највозрасната селекција на првенството, а искуството, но и големиот фонд на одлични ракометари ги доведе повторно до битка за пехарот, што го освоија пред две години, токму на ЕП во Хрватска.

Претходно губеа четирипати во финалињата, а сега имаат шанса повторно да бидат на европскиот трон. И Хрватите имаат свои адути, а го чекаат првото злато на ЕП во третото финале во својата ракометна историја.

Мечот ќе се игра денеска во „Теле 2 арена“ во Стокхолм од 16 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести