Третото коло од четвртата сезона на бесплатната Спортска прогноза ви нуди мечеви од квалификациите за фудбалското Светско првенство кое следната година ќе се игра во Катар. Традиционално, исходите од дуелите на репрезентациите се потешки за погодување, но во минатата сезона имаше и случаи кога за малку не беше освоен „ајфон“ во коло во коешто беа средби на национални тимови.
Прогнозерите во првото коло сезонава беа екстра расположени, беа доделени доста ваучери, а иако успехот не беше повторен во второто коло, третото коло можеби ќе биде среќно и резултатите ќе одат во прилог на многу верни играчи на нашата бесплатна игра.
Саботната понуда за третото коло ги нуди мечевите Србија – Луксембург (овој дуел стартува во 18 часот и тоа е терминот до кој може да се типува), Украина – Франција, Израел – Австрија и Словачка – Хрватска.
Од недела ги имаме Исланд – Македонија, Албанија – Унгарија, Косово – Грција, Швајцарија – Италија, Бразил – Аргентина и Еквадор – Чиле. Ноќта недела кон понеделник се играат мечевите Парагвај – Колумбија, Костарика – Мексико и Перу – Венецуела, па веќе во понеделник рано наутро ќе се знае дали има добитници на награди.
Тука се и двата резервни пара, Р. Ирска – Азербејџан и Бугарија – Литванија, кои влегуваат во билансот од Генералниот пласман.
Единствен услов за учество е да се има СЛ картичка од Sport Life. Картичката исто така е бесплатна и можете да ја добиете на сите обложувачки места на Sport Life.