Работнички го растури Вардар со 119-58 во натпреварот од првата македонска кошаркарска лига, кој беше прогласен за меч од висок ризик поради можноста за присуство на две навивачки групи во малата сала на СРЦ Кале.
Тензии немаше ни на терен, ни на трибини, а гостите кај кои осум играчи имаа двоцифрен број поени, ја оправдаа фаворитската улога. На клупата на Работнички беше Андреј Апостолски-Лечиќ кој е засега привремено решение како тренер, по разделбата со Димитар Мираковски.
МЗТ Скопје Аеродром беше подобар од Еуро Никел со 71-61, во меч на кој речиси половина (30) од поените на гостите ги постигна Американецот Мек Смит.
Најнеефикасно беше во Гевгелија каде ТФТ победи против Кожув со 64-55. ТФТ заедно со МЗТ се на делба на врвот со по четири победи од пет кола.