Големото градско дерби меѓу Евертон и Ливерпул не ги оправда очекувањата кај навивачите затоа што по 90 минути игра на „Гудисон парк“, на крајот мечот заврши без погодоци. Ремито на крајот им одговара на двата тима затоа што лидерот Ливерпул дојде само на пет бода за и дефинитивно да биде прогласен за шампион на Англија, додека Евертон успеа да остане непоразен на свој терен против големиот ривал.
Поради пандемијата со корона-вирусот, мечот се играше и без гледачи, па фановите на двата клуба мораа преку телевизиските екрани да ги бодрат своите миленици. Токму поради тоа што немаше гледачи, мечот во просек го гледале околу пет милиони Британци, додека во еден момент на натпреварот гледаноста достигнала 5,5 милиони гледачи, со што е поставен нов рекорд за најгледан фудбалски меч во Велика Британија.