Организаторите на Летните олимписки игри во Токио 2020 година планираат златните, сребрените и бронзените медали да ги прават од рециклиран отпад од застарени електронски уреди.
До крајот на март треба да се собере доволно материјал од стари паметни мобилни телефони, дигитални фотоапарати и лаптопи. Донирани се 5 милиони стари мобилни телефони. ЛОИ во Токио ќе почнат за малку повеќе од 500 дена, а за потребите за медалите ќе треба од електронските уреди да се извадат околу 7 тони злато, сребро и бронза.
Дизајнот на медалите ќе се објави во текот на летото, а исти такви медали ќе се доделуваат и на Параолимписките игри. На претходните ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година околу 30 проценти од сребрените и бронзените медали беа од рециклирани материјали.