УЕФА ги подготви медалот и капата со симболот стотка во чест на македонскиот капитен Горан Пандев, а пред мечот со Летонија, ќе му оддаде признание на најдобриот наш фудбалер и ќе ги зачини прославата и свечениот момент.
Стандардно, европската куќа на фудбалот на сите фудбалери што го играат стотиот меч за националната селекција им доделува вакви подароци, или признанија, а од вечерва и Пандев ќе се запише во клубот 100.
Подарок секако ќе има и од Фудбалската федерација на Македонија, а убав декор ќе има и на трибините. Децата од фудбалските академии ќе имаат можност да носат маска со ликот на Горан Пандев, а се очекува и добар одзив од публиката за да се одбележи свечениот момент и прекрасниот јубилеј на капитенот.
Македонија е фаворит против Летонија на стартот од квалификациите и победа би била најубавиот подарок за стотката на 35-годишниот капитен на репрезентацијата.
УЕФА ја воведа праксата со медалот и капата за секој репрезентативец што ќе го одигра стотиот меч во август 2011 година, а прв имаше чест да го добие признанието рускиот репрезентативец Виктор Онопко.