Рускиот тенисер Данил Медведев е победник на парискиот турнир од Мастерс 1000 серијата, откако во финалето во салата „Берси“, со 5-7, 6-4, 6-1 го совлада Германецот Александер Зверев.
За 24-годишниот Медведев, ова е трета мастерс титула во кариерата, по Синсинати и Шангај (и таму го победи Зверев во финалето) од минатата година. Ова му е прва титула во 2020 година. Клучна беше серијата од седум освоени гејма по ред, која почна при 3-4 во вториот сет.