Медведев е прв финалист на Мастерсот во Мајами

Рускиот тенисер и четврти носител, Данил Медведев, обезбеди пласман во финалето на Мастерсот во Мајами откако во полуфиналето беше подобар од сонародникот Карен Качанов во три сета и тоа со 7:6,3:6,6:3.

Мечот траеше два часа и 17 минути, а Медведев успеа да го преживее налетот на неговиот добар пријател во вториот сет. По израмнетиот прв сет, Медведев беше подобар во тај-брејкот, во десетиот поен направи мини брејк и поведе со 6:4 и потоа на свој сервис успеа да го освои поенот кој му донесе водство во сетови.

Во вториот сет, одлучувачки беше вториот гем во кој Качанов направи брејк и потоа со сигурен сервис, на Медведев му дозволи само една брејк топка, успеа да дојде до 6:3 и мечот да го однесе во одлучувачкиот трет сет.

Во него, исто така како одлучувачки се покажа еден гем, но овој пат брејк направи Медведев, во петтиот гем го одзеде сервисот на противникот и поведе со 4:1 што беше доволно за триумф и пласман во финалето.

Негов противник ќе биде подобриот од второто полуфинале во кое вечерва ќе играат Карлос Алкарас и Јаник Синер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести