Настапот на Данил Медведев на Вимблдон е неизвесен поради агресијата на Русија во Украина.
Британската влада кажа дека ќе му дозволи на Русинот да настапи на третиот гренслем во годината ако потпише дека не го поддржува Путин со неговата политика, но и тоа најверојатно нема да му го осигури настапот на Вимблдон.
Организаторот на гренслемот од „Ол Ингланд клубот“ размислува дали да му дозволи на Медведев да настапи бидејќи според нив, со тоа би се поддржала агресијата на Путин.
Одлуката за тоа дали Данил ќе го гледаме на можеби и најпрестижниот гренслем во сезоната, ќе биде донесена кон средината на мај, кога е и последниот рок за регистрација на играчите.
Сето ова е нешто слично на тоа што му се случуваше на Новак Ѓоковиќ во јануари, на отвореното првенство во Австралија, каде што се водеше судски спор за тоа дали Србинот смее да настапи иако нема примено вакцина против ковид-19.
Медведев во моментов закрепнува од операција на хернијата, поради што ќе биде надвор од терените еден до два месеци.
Стартот на овогодишниот Вимблдон ќе биде на 27 јуни, додека машкото финале кое го затвора натпреварувањето е закажан за 10 јули.