Бразилскиот тенисер Тијаго Сејбот Вајлд приреди големо изненадување во првото коло на „Ролан Гарос“ елиминирајќи го вториот носител Данил Медведев во меч кој траеше 4 часа и 15 минути.
Бразилецот кој преку квалификации влезе на главниот турнир, е 172-ри на АТП-листата и првпат во кариерата играше меч со пет сета. Медведев водеше со 2-1 во сетови, но ги загуби четвртиот и петтиот, па испадна прерано.
По освоената титула во Рим, се чинеше дека Медведев конечно заигра добро на земјена подлога, која му е најнеомилена, но испадна дека тоа е привидно. Сега е јасно дека Медведев веќе нема шанса да биде прв на АТП-листата по завршувањето на вториот гренслем.