Меѓународната федерација за џудо и официјално ја укина суспензијата за руските спортисти, кои сега ќе може да настапуваат како полноправни членови од гранслем-турнирот во Абу-Даби следниот месец.
Русите за првпат по 2022 година ќе може да настапуваат под руско знаме, а доколку победат, ќе биде интонирана и руската химна. Од Светската џудо федерација ваквата одлука ја објаснија со фактот дека руските спортисти се меѓу најдобрите во овој спорт и нивното полноправно враќање ќе значи само поголем квалитет, но и атрактивност на овој олимписки спорт.
Руските џудисти досега можеа да настапуваат само како неутрални спортисти и под олимпиското знаме. Останува да се види дали во скоро време на ваков потег ќе се одлучат и останатите „помали“ спортови, што секако е најава за она што ќе се случува и во оние „големите“.

