Актуелниот шампион на Англија, Манчестер сити, дојде до тешка победа на гостувањето кај Тотенхем. „Граѓаните“ победија со 0-1, а стрелец на единствениот гол во Северен Лондон беше Ерлинг Халанд уште во 12-тата минута.
Луд меч одиграа Манчестер јунајтед и Ипсвич, на кој беа постигнати пет погодоци, а бодовите останаа на „Олд Трафорд“. „Црвените ѓаволи“ славеа со 3-2, иако мечот започна многу лошо за нив. Комплетната одбрана потфрли во четвртата минута, па гостите на комичен начин дојдоа во водство од 0-1. Јунајтед израмни во 22-рата минута со автоголот на Морси, а само четири минути подоцна погоди и Де Лихт за водство од 2-1.
Сепак, тоа не беше крај на возбудувањата во првото полувреме. Доргу во 43-тата минута заработи директен црвен картон, а Ипсвич израмни на 2-2 во втората минута од судиското надополнување на времето.
Победата за Манчестер јунајтед ја донесе Хари Мегваер во 47-мата минута.
Најблискиот конкурент на Ливерпул во борбата за титулата, Арсенал, повторно остана без победата, откако одигра само 0-0 на гостувањето кај Нотингем форест.