Мегваер: Стравував за мојот живот, мислев дека се киднапери

Хери Мегваер за првпат по изречената казна проговори околу неговото апсење и инцидентот кој се случи за време на неговиот престој на грчкиот остров Миконос. Капитенот на Манчестер јунајтед смета дека не е виновен и ги оправдува своите постапки.

„Не се чувствувам дека некому должам извинување. Јас не направив ништо погрешно, се најдов во ситуација која може да му се случи на секого“, посочи Мегваер за „Би-би-си“.

Судот во Грција му изрече условна затворска казна од 21 месец и 10 дена на Англичанецот, откако го обвинија за физички напад и обид за поткуп на службено лице, како и давање отпор при апсење. Мегваер бил со својата вереница, сестра му и двајца пријатели со нивните девојки, кога во еден момент минибусот бил сопрен.

„Стравував за мојот живот. Пред минибусот се појавија осум лица кои не беа униформирани. Не нè известија дека се полиција. Нè исфрлија од возилото и не натераа да стоиме на колена со рацете кренати. На едната рака ми ставија лисици, почнаа да ме удираат по нозете и да се закануваат дека кариерата ми е завршена. Не знаев дека се полиција, помислив дека се киднапери и се обидов да избегам, од таму е протолкувано давањето отпор при апсење“, тврди Мегваер.

Репрезентативецот на Гордиот Албион нема да ја загуби капитенската лента во Манчестер јунајтед поради инцидентот, иако имаше најави дека Оле Гунар Солскјер ќе го казни фудбалерот.

- Оглас -

Најнови вести