Поранешниот генерален секретар на Македонската кошаркарска репрезентација, Дејан Лекиќ, бил првиот човек кој го контактирал Лестер Бо Мекејлеб околу можноста да земе македонски пасош и да помогне во обидот да се пласираме на ЕП. Ова го кажа американскиот бек кој се прослави во Европа играјќи за Македонија на Евробаскетот во 2011 година, каде беше во идеалната петорка на шампионатот.
Популарниот Борче Мекејлебовски сега игра за Сарагоса во шпанската лига, па во интервју за шпански медиум откри како дошло до тоа да настапува во дресот на македонската селекција во периодот од 2010 до 2013 година.
„Да бидам искрен, не знам како одлучив да земам македонски пасош. Мојот агент ми се јави и ми кажа Македонија сака да играм за нивната репрезентација, и реков да. Се сеќавам дека разговарав со други американски играчи и сите ми рекоа дека е полесно да се направи кариера во Европа ако имате пасош од некоја европска земја. Затоа прифатив “ – изјави Мекејлеб кој се присетува дека само две недели по разговорот со Лекиќ, станал Македонец.
Во 2010 година, Мекејлеб играше за Партизан, со кој стигна до фајнал-форот на Евролигата, беше во подем, па од МКФ посакаа да го видат во нашата репрезентација. Мекејлеб дотогаш немал слушнато за Македонија и не можел ниту да си замисли што ќе му се случува во наредниот период и какви почести ќе добие играјќи во црвено-жолтиот дрес.
„Не може да се заборави победата над Литванија. Никој не очекуваше да го сториме тоа. Тие беа домаќини. Полуфиналето со Шпанија беше тешко, тие имаа пет НБА играчи. Се држевме 32-33 минути, но во финишот Наваро им донесе победа на Шпанците. Иако не освоивме медал, сеќавањата ми се само позитивни. Кога се вративме, околу 300.000 луѓе нè пречекаа од аеродром до плоштадот. Видовме колку луѓето го ценат тоа што го направивме тогаш за државата. Никогаш не замислував дека ќе бидам ѕвезда во земја која е двојно помала од Лујзијана“ – се присетува Мекејлеб.