Скот Мектоминеј, заедно со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, беше главна фигура во тимот на Наполи на синоќешното дерби против Интер. Шкотланѓанецот ги постигна двата гола во ремито 2-2, а Елмас беше асистент на првиот гол.
Тој истакна дека Наполи никогаш не се предава, дури и во моменти кога на теренот има подредена улога.
„Цело време верувавме дека сме во натпреварот. Играчите даваат сè од себе. Без Ангиса, без Лукаку, без Гилмор, без Де Бројне, без Рахмани од почетокот на сезоната, Нерес е повреден… Сакам да кажам, ова е како Интер да игра без Лаутаро Мартинес, без Турам, без Барела, без Чалханоглу“, изјави Мектоминеј.
Сосема очекувано, Мектоминеј беше избран за играч на натпреварот од Серија А.
„Шкотскиот борец“ покажа дух на непопустливост откако се врати од грешка при изградбата на нападот за првиот гол на Интер, за да се претвори во херој за Наполи со двата гола.
„Секако, грешките се дел од фудбалот. Не можеш да се предадеш, треба да стоиш цврсто на нозе и да се обидеш да дадеш сè од себе. Сите правиме грешки во фудбалот, а јас само сакам да помогнам колку што можам и да го дадам максимумот за тимот“, додаде Мектоминеј.

