Најдобриот стрелец во историјата на холандската репрезентација, Мемфис Депај, ќе им се приклучи подоцна на соиграчите на подготовките за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство. Причината е бизарна, неговиот пасош бил украден во Бразил, каде што настапува за Коринтијанс.
Холандската фудбалска федерација потврди дека 31-годишниот напаѓач работи на решавање на проблемот и ќе допатува во земјата штом добие нов документ.
„Мемфис прави сè што може за што побрзо да пристигне. Очекуваме наскоро да му се приклучи на тимот,“ стои во соопштението на Федерацијата.
Поради оваа непријатна ситуација, Депај најверојатно ќе го пропушти гостувањето кај Малта во четврток, каде што Холандија може да го потврди првото место во групата Г.
Селекторот Роналд Куман изрази жалење за инцидентот.
„Штета е, пред сè за Мемфис, но и за тимот. Сакаме да ги започнеме подготовките со сите играчи, но постојат работи што не можеме да ги контролираме. Се надеваме дека ќе се приклучи што побрзо“, истакна Куман.
Холандија по дуелот со Малта, во недела ќе ја пречека Финска пред својата публика.