Мемфис Депај вчера приреди гол-шоу со три погодоци во големиот триумф на Холандија од 6-1 против Турција, по што новата ѕвезда на Барселона оствари историски подвиг за Лалињата.
Мемфис стана рекордер изедначувајќи се со Патрик Клајверт со 12 погодоци за националниот тим во една календарска година. Клајверт тоа го стори во 2000 година, додека пак Мемфис годинава просечно постигнува по еден гол на секој натпревар. Меѓу неговите „жртви“ беше и Македонија на Европското првенство, кога Депај диригираше во Букурешт со гол и асистенција во триумфот од 3-0 во групната фаза.
Со оглед на тоа дека до крајот на годинава Холандија треба да одигра уште четири натпревари во мундијалските квалификации, два во октомври против Летонија и Гибралтар и два во ноември против Црна Гора и Норвешка, Депај може да стане апсолутен рекордер во оваа категорија.
Вчерашниот хет-трик му овозможи на Мемфис да застане рамо до рамо со можеби најдобриот холандски фудбалер на сите времиња, Јохан Кројф, со по 33 гола во националниот дрес, а исто толку забележал и легендата Абе Ленстра во минатиот век. Инаку најдобар стрелец во историјата на Холандија е Роби Ван Перси со 50 гола во 102 настапи.