Мемиќ: Жално е што овие играчи не се повикани во репрезентацијата само затоа што се од нашиот клуб

Тренерот на младинскиот тим на Еурофарм Пелистер, Фарук Мемиќ, после големиот успех и пласманот на Ф4 турнирот каде за европска титула ќе се борат со Барса, Веспрем и ГОГ Гудме, рече дека жали што овие играчи на битолскиот тим не се дел од репрезентацијата на Македонија.

„Ова е одличен успех за македонскиот младински ракомет и прекрасно искуство за мене како тренер. Првиот натпревар против Келце го добивме полесно од очекуваното, вториот натпревар беше далеку понеизвесен до самиот крај со оглед на тоа дека игравме со организаторот домаќин, кој што имаше поддршка од публиката во текот на целиот натпревар, но нашите момци одлично се снаоѓаа на теренот. Пласманот на Ф4 турнирот во Келн е одличен успех за нас како клуб и држава. Ќе одиме во Келн да се надигруваме и да се претставиме во најдобро светло. Им честитам на моите играчи за оствареното, кое што беше еден вид мој роденденски подарок“, изјави Мемиќ.

Тој додаде и дека е штета што селекцијата на Македонија за играчи родени 2006 и 2007 година нема да биде учесник на Светското првенство во Египет и се пожали на третманот кој го има неговиот клуб.

„Жалам што и покрај тоа што во македонските клубови поседуваме одлични играчи од генерација 2006/07 не успеавме да се пласираме на Светското првенство. Од друга страна навистина е жално што од овие играчи никој досега не е повикан за репрезентација, само поради фактот што играат во Еурофарм Пелистер”, смета тренерот на битолскиот тим.

 

- Оглас -

Најнови вести