Менаџерот на Дани Олмо, Енди Бара, денес присуствуваше на мечот помеѓу Манчестер сити и Евертон и само дополнително ги подгреа шпекулациите за трансфер на шпанскиот репрезентативец во Премиер лигата. Бара на новинарско прашање одговори дека неговиот престој во Манчестер нема никаква врска со Олмо и дека таму е само на одмор.
Сепак, Барселона е во големи проблеми и има само уште неколку дена да го регистрира Олмо за настап во вториот дел од сезоната бидејќи во моментов има само привремена регистрација која завршува на 31 декември. Причината е позната, финансиските проблеми на Каталонците, а се чини дека единственото решение е да се пронајдат потребните пари.
Дел од медиумите шпекулираат дека можна дестинација на Дани Олмо е и Манчестер јунајтед, без оглед на тоа што Енди Бара го гледаше мечот на Сити, а интерес за Шпанецот има и од Арсенал.
Според клаузулата од договорот, доколку Барселона не успее да го регистрира навреме, Олмо од први јануари станува слободен фудбалер.