Менди против Менди, а Зидан спречи да има и Родриго против Родриго

Сите што ќе го гледаат натпреварот Реал Мадрид – Манчестер сити, за време на преносот често ќе го слушаат презимето Менди бидејќи во двата тима има по еден фудбалер со тоа презиме. Двајцата се Французи, двајцата се леви бекови, двајцата како млади играа за Ле Авр, но не се роднини.

Кралот Ферлан ќе го нагости Граѓанинот Бенжамен, а веќе има нивни следбеници на социјалните мрежи кои не се доволно упатени и знаат да погрешат, па им стигнуваат пораки кои се наменети за другиот Менди. Сити за Бенжамен Менди плати 57, а Реал за Ферлан Менди плати 48 милиони евра, па двајцата заедно чинеа над 100 милиони.

Менди од Реал има интересна животна приказна, тој имал проблем со колкот и лекарите мислеле дека нема да може да оди, но тој ја победи болеста и сега е врвен фудбалер, го засени Марсело, кој цела деценија беше недопирлив во Реал. Сезонава кога се играат најважните мечеви на Реал, Менди е стартер бидејќи е подобар во одбраната од Бразилецот. Менди од Сити често го потценуваа, еден коментатор и ексфудбалер рече дека ќе изеде стаорец ако Бенжамен Менди стане репрезентативец, но Менди стана член на селекцијата која е светски шампион и го докажа својот квалитет.

Освен борба за влез во четвртфиналето на Лигата на шампионите, Менди против Менди ќе се борат и за место во првиот состав на француската репрезентација на претстојното Европско првенство. Конкуренцијата за лев бек кај Триколорите е жестока, освен двајцата со презиме Менди, на тоа место играат и Лукас Ернандес и Дињ, па селекторот Дешамп има слатки маки кого да одбере.

Во Реал Мадрид и Манчестер сити има и по еден играч на кој на дресот му пишува Родриго, но оној од Реал, младиот Бразилец нема да биде во составот, а Шпанецот Родриго, кој играше за Атлетико, ќе настапи против неговиот некогашен градски ривал.

- Оглас -

Најнови вести