Симпатизерите на најважната споредна работа на светот, на фудбалот имаат многу причини за радост, бидејќи од денеска ќе имаат можност да следат натпревари од уште три врвни европски лиги, Премиер лигата во Англија, шпанската Ла Лига и Бундеслигата во Германија.
Од топ-5 лигите во Европа први почнаа Французите и во популарната Лига 1 на ред е второто коло, чија премиера е денеска со дуелот меѓу Лоријон и Монако.
Со дербито во Менхенгладбах меѓу Борусија и Баерн Минхен од 20.30 часот вечерва почнува новото издание на Бундеслигата во Германија. Шампионот гостгува на незгоден терен, на „Борусија парк“, каде има два порази по ред во дуели од германското првенство.
Половина час подоцна ќе биде означен и стартот на сезоната во англиската Премиерлига, а дебитантот Брентфорд му е домаќин на Арсенал од 21 часот.
Популарните Пчели за првпат ќе играат во Премиер лигата, која е формирана во 1992 година, а Арсенал е еден од гигантите на англискиот фудбал.
Во истиот термин од 21 часот Валенсија и Хетафе ќе означат нов почеток на шпанската Ла Лига. Лилјаците се домаќини на „Местаља“, а тренер од оваа сезона им е Хосе Бордалас, до лани кормилар токму на Хетафе.
Од топ-5 лигите недостасува само италијанската Серија А, лига што ќе почне идниот викенд.