Македонија и Словачка ќе играат без присуство на публика вечерва од 19 часот, во салата „Јане Сандански“, информираат од Кошаркарската федерација.
Последниот меч на турнирот во Скопје со кој завршуваат претквалификациите на патот кон Мундијалот во 2023 година ќе биде без гледачи на трибините.
„Македонската кошаркарска федерација направи сè за да добие дозвола за организација на овој последен натпревар од претквалификациите со присуство на гледачи. Искрено жалиме поради одлуката овој важен натпревар да се одигра без присуство на гледачи.
По добивањето на препораките, односно најновите мерки за заштита од ковид-19, донесени од страна на здравствените и државните авторитети, Федерцијата одлучи дека стриктно ќе ги почитува најновите одлуки кои се однесуваат на протоколите за организација на официјални натпревари во затворен простор“, информираат од КФСМ.
Македонија ја декласира Словачка со 69:47 во првиот круг од турнирот, тогаш со присуство на публика на трибините. Со победа денеска Македонија сигурно ќе биде прва во групата и заедно со Швајцарија ќе се пласира во квалификациите за Светското првенство во 2023 година што ќе го организираат Јапонија, Индонезија и Филипини.