Меси би сакал да дебитира веќе в сабота, но ПСЖ планира да го „одмора“ до септември

Помина точно еден месец откако Лионел Меси последен пат одигра натпревар, а тој му беше еден од најважните во кариерата бидејќи со својата Аргентина го совлада Бразил и ја освои Копа Америка.

Потоа му следуваше подолг одмор во исчекување да ја продолжи соработката со Барселона, што не се случи, а Меси во меѓувреме максимално го искористи слободното време во шетање со семејството, но преку социјалните мрежи објавуваше дека ја одржува формата.

Што се однесува до него, тој би дебитирал во дресот на Светците веќе в сабота против Стразбур во дуелот од второто коло во Лига 1, меѓутоа француските медиуми тврдат дека ПСЖ може да го поштеди Меси до средината на септември, односно по репрезентативната пауза.

https://twitter.com/hadrien_grenier/status/1425206839168339971

Пред паузата, ПСЖ покрај мечот против Стразбур на домашен терен има уште две гостувања кај Брест и Ремс на 20 и 29 август, средби кои Меси би можел да ги проследи од трибини додека ја поврати формата.

Во меѓувреме е откриена интересна клаузула во неговиот договор. Имено, ПСЖ не смее да му попречи во обврските со Аргентина, односно да му забранува на Меси да одговори на националниот повик, бидејќи негов приоритет е со Гаучосите да обезбеди пласман на Мундијалот во Катар 2022. Исто така на дел од стручниот штаб на Аргентина е овоможен целосен пристап на тренинг-центарот на ПСЖ, со цел да ја одржуваат формата на 34-годишниот виртуоз.

- Оглас -

Најнови вести