Меси: Бог избра идеален момент за да ми ја подари светската титула

Лионел Меси по 40-тина дена откако со Гаучосите триумфира на Светското првенство што се одржа во Катар, конечно проговори за аргентинските медиуми.

Многумина фудбалски фанови и експерти сметаа дека Меси е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, но не е најдобриот и дека не може да се споменува во иста реченица заедно со Диего Марадона и Пеле сè додека не стане светски шампион.

На СП во Катар, Меси конечно успеа да го достигне фудбалското совршенство и да го освои единствениот трофеј што му недостасуваше во трофејната колекција, а во исто време и да го добие најсилниот адут за голем број фанови да го сметаат за најдобриот на сите времиња.

„Во едно интервју што го дадов во 2014 година реков дека знам дека Бог ќе ми ја подари светската титула. Тоа интервју го дадов пред СП во Бразил, чувствував дека трофејот е многу блиску да биде во моите раце. Тогаш загубивме во финалето, но јас продолжив да го чекам вистинскиот момент и мислам дека го дочекав. Не вистинскиот, туку совршениот момент и не можеше да испадне подобро од ова. Да можев да бирам кога ќе победам на СП, би го избрал токму овој момент, на крајот од кариерата кога полека се повлекувам од големата сцена“, изјави Меси.

Аргентинецот им откри на медиумите и дека сè уште не го гледал финалниот натпревар кој за многумина е најдобар во историјата на Светските првенства.

Аргентина во битката за титулата ја совлада Франција по подобро изведување пенали, откако во регуларниот дел и продолженијата од двапати по 15 минути, резултатот беше 3:3.

„Досега погледнав само инсерти од финалето, како и славењето откако станавме светски шампиони. Но, целото финале, 120 минути игра и пеналите, не сум ги изгледал“.

- Оглас -

Најнови вести